Skip to main content

Жителите поднесоа петиција

Стариот дел на Струга затрупан со отпад

Стариот дел од градот Струга затрупан со отпад. Комуналното претпријатие не ги расчистува депониите, со оправдување дека нема можност да пристапи со механизацијата поради изградбата на улиците. Жителите поднесоа петиција до комуналниот инспекторат, но и приговор до државниот управен инспекторат и до инспекцискиот совет.
 |  инфодеск  | 
Отпад Струга

Стар град во Струга затрупан со отпад. Комуналното претпријатие не ги расчистува депониите, со оправдување дека нема можност да пристапи со механизацијата поради изградбата на улиците.

Жителите велат и пред реконструкцијата на улиците го имале истиот проблем. Несовесни граѓани, но и дуќанџиите од чаршијата несоодветно го одлагаат отпадот по сокаците во стариот дел на градот.

Како жители на овој дел од стариот град упорно апелираме и бараме од институциите да биде решен овој проблем со кој што се соочуваме, особено во летната сезона кога е зголемен бројот на посетители и кога е зголемен и опсегот на отпадот. Она што е најголем проблем за нас е тоа што инспекциските служби односно комуналниот инспекторат воопшто или многу малку презема мерки и да реагира по службена должност – вели Никола Кукунеш, жител на Стар град Струга.

Жителите поднесоа петиција до комуналниот инспекторат, но и приговор до државниот управен инспекторат и до инспекцискиот совет.

Како граѓани на стар град поднесовме петиција и барање до комуналниот инспектор да излезе на терен и да направи увид. Она што го добивме како документ беше смешно затоа што тој не видел ништо бидејки во моментот кога бил на увид сметот бил подигнат. Но како што може да видите сметот е се уште тука – додава Кукунеш.

Надлежните меѓусебно си ја подаваат топката. Од инспекторатот ставот е дека инспекторот постапил согласно законските овластувања, а од инспекцискиот совет граѓаните ги упатиле поплаките да ги праќаат до инспекторатот. Жителите бараат надлежните да се погрижат за комуналната хигиена во градот, од комуналниот инспекторат велат се постапува согласно надлежностите.

Новинар : Соња Рилковска