
Според истражувањата, Струга е еден од помалку загадените градови во нашата држава, односно просечната годишна концентрација на ПМ 2,5 честичките ја надминува дозволената гранична вредност за околу 20%. Сепак, дури и во Струга загадувањето ги надминува дозволените граници. Анализите покажуваат дека најголемите извори на загадување на воздухот во Струга се емисиите од сообраќајот, согорувањето на биомаса, мазут и нафта, како и палењето на оган и отпад на отворено.
Сообраќајот во Струга е постојан загадувач на воздухот во текот на годината
Сообраќајот е првиот и најголем извор на загадување во текот на целата година, но особено во текот на летната туристичка сезона, кога просечната годишна концентрација на ПМ 2,5 честичките ја надминува дозволената гранична вредност за околу 23%.
Загадувањето како резултат на согорување мазут и нафта се забележува во текот на целата година, но доминира во пролетниот период.
Во текот на зимските месеци, од ноември до април, согорувањето на биомаса е значаен извор на загадување, додека горењето оган на отворено е со најголем придонес во пролетните и во раните летни месеци, како и во доцна есен и зима.
Со обновливи извори на енергија и зголемување на енергетска ефикасност во училиштата во Струга
Заедничките заложби на граѓаните, јавните институции и фирмите, за подобрување на животните и работните навики може да ја направи Струга уште поубаво место за живеење. Замена на печките на дрва и нафта со инвертери или топлотни пумпи, унапредување на енергетската ефикасност на домаќинствата и јавните објекти, на фирмите и дуќаните, поставување на фотоволтаици, одговорност да не се пали отпад и оган на отворено, свест за пешачење и користење велосипеди, како и редовно чистење и миење на улиците се само еден дел од решенијата за почист воздух и поздрава животна средина.
Истражувањето на изворите на загадување на воздухот го подготви лабораторијата АМБИКОН при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ што го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од Шведска. Во рамките на програмата исто така се спроведува и проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.
Повеќе информации за истражувањето можете да најдете на следниот линк: https://cistvozduh.mk/publikacii/air-pollution-reports-in-five-municipalities/