Општина Струга ја започна постапката за продажба на службеното возило „Ауди А6“, при што почетната цена ќе ја утврди комисија за проценка. Одлуката е дел од мерките за намалување на трошоците на градоначалникот и општинската администрација.
Градоначалникот Менди Ќура информира дека во текот на целиот мандат ќе користи сопствено приватно возило и дека Општината нема да набавува службен автомобил за таа намена. По проценката, возилото ќе биде понудено на јавна и транспарентна аукција.
Наместо луксузно возило, Општина Струга планира набавка на функционално комбе за потребите на администрацијата, спортските клубови и градските активности.
-Ова е разликата меѓу старата практика и новото управување. Помалку луксуз за власта, повеќе услуга за граѓаните, велат од Општина Струга.