И градот на мостовите – Струга добива Европска куќа. Евроамбасадорот Дејвид Гир, градоначалникот Мерко, и претставник на ССМ денеска потпишаа договор за изградба на европска куќа во близина на Паркот на поезијата. Објектот е веќе изграден, потребна е негова реконструкција и приспособување, кое треба да заврши за четири месеци.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир, ова катче ќе биде место каде што ќе творат младите и невладините.
„За околу четири месеци, овој парк ќе биде седиште и на Европската куќа, шеста по ред во Северна Македонија. Место каде младите од Југозападниот регион ќе може да се среќаваат, да разменуваат идеи и да работат заеднички за добра европска иднина за сите и за нивната земја”, рече Гир.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека Европската куќа во Струга ќе биде место на собири, дијалог, раѓање нови идеи и креативност во согласност со европските вредности.
„Струга е место во кое низ вековите се преплетуваат различни традиции и јазиси и сметаме дека Европската куќа во Струга ќе биде токму такво место на собири, дијалог, место на активизам на раѓање на нови идеи и креативност а се тоа во служба на европските вредности”, истакна вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Струшкиот градоначалник Мерко изрази задоволство што денеска се отвора можност за изградбата на Европската куќа во Струга, која ќе биде место за соработка на младите од регионот.
„Најмногу ќе соработуваат младите со што се надеваме дека ке донесеме една европска клима, тука ќе работат проекти со општина Струга, со америчкото катче кое е во близина. ќе ни служи и домот на поезијата а сигурно дека многу анстани кои се одржуваат и оваа европска куќа ќе биде дел од сите овие настани”, рече градоначалникот Мерко.
Ова е шеста по ред Европска куќа во земјава. Објектот во Струга е со површина од 119м2, а отворањето се очекува да се случи пред крајот на 2023 година.
Новинар Соња Рилковска