Skip to main content

Струга има социјална карта

Социјалната карта на општина Струга претставува слика на актуелните социо економски и демографски специфики на општината. Таа ги содржи сите податоци од социјалната сфера кои понатаму треба да претставуваат насока за општината во нејзините натамошни преземања на мерки и услуги на локално ниво, насочени кон идентификуваните социјални ризици и социјално ранливите категории.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Струга има своја социјална карта. Станува збор за локална стратегија за социјална заштита која треба да обезбеди задоволување на потребите на сите категории на граѓани и еднаквост во однос на добивање на услуги од системот на социјална заштита. Како што нагласи Ѓоко Милески од Центарот на заедницата на општина Струга, главна цел на социјалната карта на општина Струга е идентификување на актуелната демографска структура на граѓаните и мапирање на социо – економските предизвици со кои тие се соочуваат.

„Имаме вакум на простор за потреба на податоци од областа на социјалната заштита, знаеме дека последниот попис беше во 2002 година, од тука на локално ниво не постојат сондиани податоци токму социјалната карта ќе го надомести овој јаз, значи ќе претставува алатка која ќе може да ја користи општина Струга за креирање на нивната програма за користење социјална заштита, ќе ја користат и институциите од областа на социјалната заштита за спроведување на нивните активности“.

Во социјалната карта анализирани се локалните состојби и потреби во повеќе домени како, демографија, домување, пазар на труд, образование, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, социјална и детска заштита, потенцираше Милески.

„Важно е да се каже дека во социјалната карта имаме конкретни препораки и понудени се мерки кои што би придонесле кон зголемување на социјална заштита во општината, значи конкретни решенија за локалните проблеми. Тие се реални затоа што произлегуваат од граѓаните и мислењето на фокус групите кое што го дадоа што е најпотребно и што е најприоритетно да се реализира во општината

Во изготвувањето на стратегијата за социјална заштита користени се постоечките статистички извори на податоци во отсуство на нов официјален попис во државава. Демографските податоци покажуват пораст на бројот на населението од последниот попис во 2002, а со самото тоа расте и бројот на вкупни живеалишта во општина Струга. Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика повеќе од 14 000 жители во општина Струга живеат во сиромаштија и имаат потреба од некаков вид на социјална помош. Во Струга сеуште нема сместувачки капацитети за згрижување на стари лица а исто така нема ниту сместувачки капацитети и центри за психосоцијална поддршка на жртви на семејно насилство.