Струга нема решение за бездомните кучиња
Лаежот на бездомните кучиња, секојдневно сее страв во струшко. Туристичка Струга цело лето мака мачи со големиот број глутници низ градот. На социјалните медиуми секојдневно се споделуваат видеа од агресивни кучиња кои бркаат автомобили, велосипеди и граѓани. Искуства од нападнати и повредени граѓани.
Лавина реакции и коментари од типот институциите се глуви на горливиот проблем со кој се соочуваат стружани и гостите.
Од СВР Охрид велат велат зачестени се нападите од страна на бездомните кучиња.
Граѓаните ги пријавуваат нападите, веднаш потоа се упатуваат во општата болница каде што се утврдува карактерот на повредите. Согласно законот за облигациони односи граѓаните имаат право оштета да бараат од општините – вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Во општина Охрид започна решавање на проблемот со бездомните кучиња, па годинава двојно е намален бројот на напади во однос на лани.
Од почетокот на оваа година во Охрид пријавени се десет напади на кучиња, додека таа бројка во текот на целата измината година лани изнесувала 15. Во Струга бројот на пријавени напади од кучиња од страна на граѓани во ОВР Струга изнесува 15 од почетокот на оваа година и истата бројка е евидентирана во текот на целата мината 2021 година – додава Димоски.
Општина Струга сеуште нема решение за проблемот со бездомните кучиња. Во градот има еден приватен волонтерски стационар, кој нема капацитет да се справи со големиот број бездомни кучиња.
Новинар : Соња Рилковска