Струга и ова лето, се соочува со рестрикции и проблеми со водоснабдувањето. Или вода воопшто нема со часови и денови или е слаб притисокот. Најкритично е во ек на сезоната, кога потрошувачката и потребите се двојно поголеми.
Стружани се жалат, велат во градот распослан на две води, со децении нема редовно водоснабдување. Поплаки има и од туристичките работници.
„И тоа е дел од оваа гужва што одеднаш се случува. Одеднаш побарувачката е десеткратно поголема од вообичаено. Таа цела инфраструктура треба да се пренамени и да се направи да биде добра за тие дваесеттина денови од високата сезона”, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Причина за проблемите со водоснабдувањето е слабата издашност на изворите во Шум и Белица од каде Струга и околината се снабдуваат со вода, поврзана со климатските промени, но и старата инфратсруктура, која треба да се обнови.
„За жал сведоци сме дека повторно има недостаток на вода за пиење посебно во повисоките катови каде што опаѓа притисокот. Квалитетот на водата и редовното снабдување со вода е исклучително важно посебно за овој период. Ние и во тој сегмент сериозно потфрламе”, вели Никола Кукунешоски туристички работник.
Од локалната самоуправа велат несовесното и нерационалното користење на водата и големиот број злоупотреби се причини за рестрикциите и проблемите со водоснабдувањето во градот.
Новинар Соња Рилковска