Skip to main content

Струга секое лето со проблеми во водоснабдувањето

Струга и ова лето се соочува со рестрикции во водоснабдувањето. Најкритично е во ек на сезоната, кога потрошувачката и потребите се двојно поголеми. Поплаки има и од граѓаните и од туристите.
 |  инфодеск  | 
Струга Црн Дрим

Струга и ова лето, се соочува со рестрикции и проблеми со водоснабдувањето.  Или вода воопшто нема со часови и денови или е слаб притисокот. Најкритично е во ек на сезоната, кога потрошувачката и потребите се двојно поголеми.

Стружани се жалат, велат во градот распослан на две води,  со децении нема редовно водоснабдување. Поплаки има и од туристичките работници.

„И тоа е дел од оваа гужва што одеднаш се случува. Одеднаш побарувачката е десеткратно поголема од вообичаено. Таа цела инфраструктура треба да се пренамени и да се направи да биде добра за тие дваесеттина денови од високата сезона”, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

Причина за проблемите со водоснабдувањето  е слабата издашност на изворите во Шум и Белица од каде Струга  и околината се снабдуваат со вода, поврзана со климатските промени, но и старата инфратсруктура, која треба да се обнови.

„За жал сведоци сме дека повторно има недостаток на вода за пиење посебно во повисоките катови каде што опаѓа притисокот. Квалитетот на водата и редовното снабдување со вода е исклучително важно посебно за овој период. Ние и во тој сегмент сериозно потфрламе”, вели Никола Кукунешоски туристички работник.  

Од локалната самоуправа велат несовесното и нерационалното користење на водата и големиот број злоупотреби  се причини за рестрикциите и проблемите со водоснабдувањето во градот.

Новинар Соња Рилковска