Струга треба да биде повеќе транспарентна
Општина Струга треба повеќе да поработи на транспарентност на веб страната. Денес во ера на информациско комуникациски технологии веќе не е доволно граѓаните да се информираат на стариот начин, односно да дојдат до општината да бараат податоци. Општините имаат обврска податоците и информациите да им ги дадат на граѓаните на полесен и подостапен начин, преку објавување на општинската веб страница.
Општина Струга е на 45 тото место од вкупно 81 општина, по веб транспарентност. Тоа го говори истражувањето направено од страна на Центарот за управување со промени и Центарот за одржлив развој АЛКА од Скопје во соработка со општина Струга. Неда Малеска Сачмароска од ЦУП вели дека во општина Струга неопходно е да се работи повеќе на унапредување на процесот за подобрување на транспарентноста и отчетноста на општината преку веб страната.
„Ова истражување имаше за цел да постави една основа и да претставува еден конструктивен натпревар меѓу општините како да ги подобрат сите податоци и информации како побрзо и полесно да ги направат достапни за граѓаните. Податоците општините имаат обврска да ги собираат согласно законите за Локална самоуправа и законот за податоци од отворен карактер, значи секоја општина треба да ги објави податоците на веб страницата во отворен формат така што секој граѓанин ќе може да го искористи тој податок за разни анализи и цели“
Службеното лице за информации од јавен карактер од општина Струга, Сервер Шашко. истакна дека граѓаните потребно е да знаат колку Локалната самоуправа е транспарентна, бидејќи праксата покажала дека постојат многу информации кои граѓаните не ги знаат.
„Има работи кои што навистина треба да се објавуваат. Ова истражување покажа дека Струга е на средина по отвореноста на податоците на општината и се надевам дека во иднина ќе успееме да ги отвориме работите значи да работиме со отворени карти како би биле подостапни на нашите граѓани“
Истражувањето на ЦУП покажало дека граѓаните најмногу би сакале да знаат како се трошат нивните пари, односно би сакале да знаат кои се приоритетите на општината дали е тоа инфраструктурата, инвестивции во образованието, здравство. Покрај истражувањето, резултатите од проектот „Граѓанинот на прво место“ за кој денес во Струга беше одржана и работилница, опфаќа и изработка на протоколи за транспарентност, односно Кодекс за транспарентност на единиците на Локалната самоуправа, со кој се утврдуваат податоците и информациите кои треба да се објавуваат од страна на општините, како и насоки за отворени податоци.