Струга урбанистички ќе се уредува пред почетокот на туристичката сезона. Започна реконструкцијата на шеталиштето на левиот кеј од реката Црн Дрим, од мостот на улица Маршал Тито до хотел Дрим. Секторот за урбанизам ги спровел сите законски регулативи, избрал најповолен изведувач и издал градежно одобрение. Според идејниот проект за реконструкција на речниот кеј, во првата фаза кејот ќе биде поплочен со гранитен камен, ќе бидат поставени канделабри, клупи за одмор, а просторот ќе биде оплеменет и со хортикултурно зеленило, информира раковдителот на секторот за урбанизам и просторно планирање Ресул Хани.
Проектот за реконструкција на плоштадот и двете страни на кејот ќе се одвиваат во две фази, според финансиските можности на општината, напоменува Хани. За реализација на првата фаза на проектот од општинскиот буџет ќе бидат издвоени 14 милиони денари. Според планираното, првата фаза на реконструкцијата, треба да заврши пред почетокот на туристичката сезона.
Со проектот се предвидува и формирање на пешачка зона од плоштадот до пред општинската зграда и целосно реконструирање на плоштадот.
Исто така, на спојот на магистралниот и регионалниот патен правец Струга-Ќафасан-Струга–Дебар, започнале и подготвителните активности за изградба на кружниот тек на раскрсницата со која ќе се подобри сообраќајната безбедност на влезот во Струга. И овој градежен зафат се планира да заврши пред почетокот на летната сезона.
{loadposition content9}