Skip to main content

Општината штеди струја

Струга во мрак, изгасени уличните светла

Струга штеди електрична енергија. Градот е во мрак. Во поголемиот дел од општината од 22 часот се гасат уличните светла. Граѓаните се револтирани, велат не можат да се движат ноќе, а плаќаат ставка за улично осветлување.
 |  инфодеск  | 
Струга во мрак

Струга во мрак. Изгасени уличните светла во поголемиот дел од градот и селата. Исклучувањето на јавното осветлување, како дел од кампањата за заштеда на електрична енергија е во периодот од 22 часот до 5 часот наутро. Во центарот на градот светилките се редуцирани, но надвор потполно исклучени. Граѓаните се револтирани, велат плаќаат ставка во сметките за улично осветлување, а градот е во мрак.

Улично осветлување треба да има бидејќи ние плаќаме, ако го нема не треба да плаќаме ниту такса. Луѓето се плашат од на работа да си одат дома, има кучиња многу скитници, не можеш да одиш. Ако е криза не може градот да биде во темница. Не е убаво – вели еден стружанец.

Имам една куќа имам три сатови и на сите плаќам улично осветлување, наместо да платам една. Не е добро да се исклучени, не е добро. Улични светла треба да има народот се движи ваму-таму, оди во посета. Улични треба да има – вели друг стружанец.

Стружани стравуваат и од високите сметки за струја, велат се трудат да штедат колку што можат повеќе.

Сега сме исплашени сите. Не трошиме струја сега сме повеќе на гас, на плин повеќе и дрвата ги шпараме не знаеме каква ќе биде зимата – вели жител на Струга.

Согласно владините препораки и мерки со редуцирање на уличните светилки во градот и населените места, Општина Струга се вклучи во кампањата за заштеда на електрична енергија..

Ваквите чекори се преземаат поради поскапувањето на електричната енергија и повисоките сметки за три до четири пати, сума што не е предвидена во буџетот на Општината за 2022 година. На 208 мерни единици низ градот и селата ќе бидат поставени уреди што ќе ја контролираат и мерат потрошувачката на електрична енергија, со што ќе се елиминира злоупотребата, а истовремено и ќе се заштеди – информираат од општина Струга.

Новинар : Соња Рилковска