Општина Струга забрани шетање по бикини и “гаќички” низ центарот на градот
Општина Струга забранува да се шета во централното градско подрачје по костим за капење, со објаснување дека тоа е во интерес на јавниот ред.
“Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден.” – објавија од општината на официјалната фејсбук страна.
Оттаму ги замолуваат сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со , како што велат, непокажување голотија на јавни места и простори.
“Вашето однесување е слика за градот, затоа сите заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика на една туристичка дестинација како што е Струга.Ви благодариме!” – велат од општината.