Skip to main content

Во Струга забрзува легализацијата, 110 завршени предмети за осум месеци

Денеска градоначалникот Менди Ќура доделил 42 нови решенија за легализација, со што бројот на завршени предмети годинава достигна 110.
 |  инфодеск  | 

Постапката за легализација на бесправно изградени објекти во Општина Струга добива забрзано темпо. Денеска градоначалникот Менди Ќура доделил 42 нови решенија за легализација, со што бројот на завршени предмети годинава достигна 110.

Од Општина Струга информираат дека работата продолжува, при што 30 предмети се во завршна фаза, додека уште 70 предмети се во почетна фаза на обработка и се очекува да бидат завршени до крајот на годината.

Комисиите за легализација секојдневно се на терен, каде што вршат проверки, комуницираат со граѓаните и работат на комплетирање на потребната документација за предметите, велат од локалната.

Според податоците на Општината, во текот на целата 2025 година биле обработени 60 предмети, додека за само осум месеци годинава се завршени 110.

Од Општина Струга велат дека зголемениот број на решени предмети е резултат на поинтензивната работа на Секторот за урбанизам и комисиите за легализација, со цел да се забрзаат постапките и да се решаваат долгогодишните проблеми на граѓаните.