Струга започна со хуман третман на бездомните кучиња
Во Струга конечно започна акција за заловување и третман на бездомните кучиња во градот. Зафатот го реализираат овластени лица од ветеринарна клиника од Куманово.
Досега се третирани десетина кучиња, а за оваа намена издвоени се 600 000 денари. Кога ќе се потрошат парите, доколку има потреба ќе бидат издвоени дополнителни средства за продолжување на акцијата.
Заловени се одреден број на кучиња, имаме и фотографии од нивниот третман, маркирани се со обетка и микрочип и очекуваме по нивно опоравување да се вратат назад на истата локација – вели Митко Коркутоски, раководител на комунален инспекторат Струга.
Според слободните проценки во струшко има стотици улични кучиња, а овој зафат нема да донесе решение на проблемот. Потребни се измени во законот и изградба на соодветен стационар.
Се да се префрли на Агенцијата за храна и ветеринарство и преку надлежните инспекциски служби да се врши поголема контрола и на размножувањето на кучињата, чипирањето и едноставно државата да ја има главната улога во таа постапка – додава Коркутоски.
Општината побара од полицијата засилени контроли на влезните точки во градот да се проверуваат возилата за кои постои сомнение дека носат бездомни кучиња од другите градови.
Новинар : Соња Рилковска