Skip to main content

Струшка дијализа има потреба од обновување и на објектот и на апаратурата

На струшката болница за дијализа потребни и се нови апарати за хемодијализа, обновување на хируршкиот ендоскопски столб на одделението за урологија, а приоритет е санација на кровот кој при обилни врнежи од дожд и снег прокиснува во дел од собите на заводот.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Потребна е итна санација на кровот на Заводот за нефрологија и дијализа, Струга. Причина за тоа е што истиот прокиснува при врнежи од дожд и снег. Како што обелодена директрот на оваа здравствена установа д-р Асим Муса, години наназад немало некоја посериозна инвестиција во инфраструктурни зафати, поточно уште од 1985 година од кога е изградена болницата. Повремено со помош на донации била заменета дограмата во некои од собите а со буџетски средства од установата се молерисувале просториите.

„Кровот е рамен и поминати се околу триесет години од кога е направена. Од време на време при врнежи од дожд и снег има некои соби каде што капи и тоа мора да се санира. Има некој проект направен, уште од времето на претходниот директор и мислам дека со добра воља и со подршка од министерството тој проект ќе се оствари“ – вели д-р Муса.

Директорот на болницата вели дека во моментов користат апарати за хемодијализа, стари десеттина години, и веќе на истите им поминувал рокот на употреба. Додава дека и нивната установа била дел од болниците кои добиваат медицинска опрема но не и опрема која што им е нив неопходна.

„Во медицинска опрема и ние сме биле дел од болниците каде е донесено во проектите за снабдување со медицинска опрема на болниците меѓутоа за жал нашите апарати кои се донесени не се примарни, знаете кај нас примарна дејност е хемодијализата не се донесени апарати за хемодијализа или за обновување на хируршкиот енодоскопски столб на урологија кој е меѓу првите во Македонија уште од 1959 година. Меѓутоа донесено е ново ЕХО, апарат за анестезија и апарат за дензитометрија“ – изјави Муса.

Од болницата бараат да им биде вратена и амбулантската дијализа, која во 2013 година беше дадена под концесија. Како што информираат од струшката болница за дијализа, годишно таму третман добиваат неколку илјади пациенти, а се спроведувале и 10 000 стационарни дијализи.Како што е познато Заводот за нефрологија и дијализа Струга, е единствена болница од ваков тип во регионов и тука се лекуваат пациенти од цела Македонија. Исто така сеуште редовно доаѓаат и пациенти од Албанија.