Skip to main content

Струшките невладини организации против геј бракови

Велат ги почитуваме правата за лична определба и сме против дискриминацијата, но пред се ги почитуваме традиционалните вредности.

 |  Мишел Наумоски  | 
diskriminacija
дискриминација

Невладините организации од Струга се изјаснија против легализирањето на геј браковите, а особено против посвојувањето на деца од родители со исти пол. Едногласно членовите на невладините Езерка, Светлина, Дом за сите, Енхалон, Рурбан Култ од Струга, реагираа и на најавите од одредени невладини организации во земјава за тужба против министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

nevladini Struga„Ги почитуваме сите традиционални вредности бидејќи сме против сите стереотипи и предрасуди, но ги почитуваме сите вредности и човекови права. Не се мешаме во определбата на тие луѓе, особено на овие 5 невладини организации кои што сакаат да го тужат Министерот Ристовски, но ние го подржуваме законот за семејство.“-вели Драгица Попоска од НВО „Езерка“од Струга.

Зоре Кленкоска од невладината Рурбан Култ вели дека ги почитуваат правата кои се загарантирани со законите на државата, но смета дека неоправдани се барањата за легализирање на истополовите бракови.

„Го подржуваме ставот на педагозите, социолозите и социјалните работници кои недвосмислено укажаа дека таква семејна средина не претставува добро место за одгледување и воспитување на децата. Како друга негативна последица од склучувањето на ваквите бракови, односно легализирањето на овие бракови претставува и моменталната состојба на опаѓање на наталитетот во Република Македонија за која што ситуација, Владата презема напори и мерки за зголемување на наталитетот на државата.“-рече Зоре Кленкоска од НВО „Рурбан Култ“.

diskriminacijaВо Законот за семејство длабоко веруваат и младите од Струга. Претставниците од Центарот за млади при невладината „Езерка“ како и Унијата на независни синдикати на Македонија сметаат дека еднополовите бракови се неприродна појава.

„Центарот за млади при „Езерка“ го подржува Законот за семејство и како што е природно маж и жена да создадат дете, така е природно маж и жена да чуваат дете. Значи не може да се посвојат деца помеѓу родители од исти пол. Не им се мешаме во приватните животи, но не е природно да има деца кои  ќе живеат во семејство каде родителите се од исти пол.“-смета Марјан Лазарески од Центарот за млади од Струга.

Инаку реакцијата на струшките невладини организации доаѓа по најавените тужби против Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски од страна на неколку невладини организации кои сметаат дека министерот Ристовски го прекршил Законот за антидискриминација со изјавата дека нема да дозволи склучување на истополови бракови за време на неговиот мандат.

{loadposition content9}