Струшките пензионери се пожалија на ФЗОМ дека незаконски им се наплаќа партиципација во здравството
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Џемали Мехази рече дека токму на денешната едукативна работилница ќе разговараат околу проблемите со кои се среќаваат пензионерите во остварувањето на нивните права.
Пензионерите од Струга денес заедно со правникот и докторот соработник на ФЗОМ се запознаваа со правата од нивното здравствено осигурување. Фондот денес им организираше едукативна работилница како дел од потпишаниот меморандум за соработка со Сојузот на пензионери на Македонија. Од Здружението на пензионери рекоа дека ја поддржуваат ваквата иницијатива и изразија надеж дека по денешната работилница ќе бидат разрешени најголемиот дел од проблемите кои тие ги имаат од областа на здравственото осигурување. А еве со кои проблеми најчесто се соочуваат.
„Најискрено да ви кажам се жалат на услугите каде што се врши партиципација. Конкретно еве јас лично вчера имав некоја анализа каде што платив 150 денари но мислам дека не е во ред и тука треба оваа наша забелешка и секаде на други места, и за ЕКГ и на ЕХО снимки, се се плаќа. Вие секако ќе слушнете и од нашите пензионери и се надевам дека многу работи во иднина ќе бидат разрешени.“-рече Мирко Трпоски-секретар на Здружението на пензионери од Струга.
Директорот на ФЗОМ, Џемали Мехази вели дека сите осигуреници на Фондот имаат еднакви права и во таа насока доколку пензионерите сметаат дека им се ускратува некое право, тоа веднаш да го пријават во подрачните одделенија на Фондот, а информира дека самата пријава е анонимна како би се избегнале евентуални реперкусии врз осигурениците.
„Во делот на евентуални злоупотреби односно наплаќање на партиципација не е во согласност со Законот и подзаконски акти. Секој осигуреник, а и пензионерите имаат право да пријават било што ако се сомневаат дека незаконито им се наплаќа. Така што секој осигуреник и тоа е истовремено една од главните цели што сакаме да ги оствариме со работилницата е токму да ги слушнеме овие проблеми со кои на терен се среќаваат при остварувањето на нивното право на здравствено осигурување“.-вели директорот на ФЗОМ, Џемали Мехази.
Раководителот на подрачното одделение на Фондот од Струга, Коста Фармакоски, вели дека овие работилници се добредојдени бидејќи на овој начин пензионерите кои се една од најбројните групи на осигуреници најлесно ќе можат да се запознаат со своите права од здравствено осигурување.
„Го поздравувам овој настан, оваа работилница на која пензионерите ќе имаат директно можност да учествуваат и да поставуваат прашања и сите нејаснотии директно да ги расчистат и со овој начин обезбедуваме да сме демократски и објективни во сите работи што им следуваат на осигурениците.“-изјави раководителот на ФЗОМ-Струга, Коста Фармакоски.
Инаку на оваа работилница, на пензионерите им беа објаснети и последните новини во упатувањето во здравствениот систем, правата односно обврските на матичниот лекар, обврските на аптекарот односно аптеката кон осигурениците и како полесно да си ги остварат своите барања во подрачното одделение на Фондот. Исто така Фондот од оваа година се фокусира и на здравјето на осигурениците односно на превенцијата.
{loadposition content9}