Skip to main content

Струшкиот суд повторно ослободи двајца лекари во случајот со родилката од Дебар

Во Основниот суд Струга денес започна повторното судење за случајот со родилката од Дебар. Откако Апелација ја потврди затворската казна за првообвинетиот Мухамед Асани, но го врати случајот, да се преиспита вина и кај другите двајца лекари. Судијата повторно донесе ослободителна пресуда.
 |  инфодеск  | 

Основниот суд Струга повторно донесе ослободителна пресуда за двајцата лекари во случајот со родилката од Дебар, која при породување во струшката болница остана без три органи. Случајот се врати во судница откако Апелација ја потврди затворската казна за првообвинетиот Мухамед Асани, но побара да се разгледаат и оценат доказите за второобвинетиот специјализант Блертон Асани и третообвинетатата докторка Лилјана Јованоска. Според судијата во доказите нема одговорност кај останатите лекари.


„Вештаците беа повикани на расправата и беа прашувани и од обвинителството и од одбраната, во повеќе наврати, дали постои каков било пропуст кај двајцата обвинети што може да се доведе во причинско-последична врска со штетата. Вештаците категорично останаа на ставот дека нема одговорност, со што не беше оставен никаков простор за сомнеж кој би довел до поинаква фактичка состојба.“-истакна судијата Јордан Јованов.

Адвокатот на оштетената смета дека вина и одговорност има кај сите лекари. Останува Апелација да ја потврди, или преиначи идентичната пресуда на струшкиот суд.

„Сметам дека и второ и трето обинетите да имаат учествувано во создавањето на штетната последица, тоа е мое лично мислење, но јас во овој случај не судам“, рече адвокатот на оштетената Сашо Јанев.

Гинекологот Мухамед Асани правосилно е осуден на три години затвор, за тешки дела против здравјето на луѓето, но доби и забрана за вршење лекарска дејност во траење од пет години.