Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на 26-ти април на обвинителна клупа за набавката на луксузното Ауди А6
На 26 -ти април започнува судскиот процес против струшкиот Градоначалник Рамиз Мерко за набавката на четири службени автомобили, меѓу кои и луксузното ауди од близу 70 илјади евра. Мерко се товари за злоупотреба на службена положба и овластување при набавката на возилата.
„Спротивно на начелата на законитост и интегритет, како и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-смета, обвинетиот набавил четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, со што прибавил имотна корист за носителот на јавната набавка“, стои во обвинението.
На 22-ри мај, пак, ќе му се суди за несовесно работење за случајот со назначување на в.д директор на училиште во Лабуништа, кое според обвинителството е направено незаконски.
„За вршител на должноста директор именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа. Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси.“ – стои во соопштението на ЈОРМ.
Ново обвинение за несовесно работење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко | Портал ТВМ (tvm.mk)