Струшкото музичко училиште ќе се сели во стариот објект на ОУ „Браќа Миладиновцви“
Струшкото музичко училиште ќе се сели во стариот објект на ОУ „Браќа Миладиновцви“. Сегашниот објект каде се одвива наставата ќе се реновира и повторно ќе се пренамени во градинка бидејќи зголемена е потребата за згрижување на деца од предучилишна возраст во струшкиот регион.
Некогашната детска градинка „8 ми Март“ која што во 2007 год беше пренаменета во средно музичко училиште повторно ќе се врати на децата од предучилишна возраст. Деновиве на социјалните мрежи излегоа слики на кои се гледа дека овој објект веќе попушта, таванот и ѕидовите се оштетени, а од некои места и прокиснува. Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко вели дека овој објект за брзо време повторно ќе биде градинка бидејќи листата на чекање за деца од предучилишна возраст ја надминува бројката 300.
„Сите ученици кои посетуваат настава кај старото училиште „Браќа Миладиновци“ во близина на Домот на култура ќе се префрлат во новиот блок кој се гради во рамки на централниот објект од истоименото училиште, со што нашата намера е средното музичко училиште да го донесеме во старото училиште, а градинката да биде преадаптирана повторно. Со тоа добиваме две згради кои се потребни а се самостојни по дејност“.
Мерко нагласи дека и Владата треба повеќе да вложува не само за квалитетот на образованието туку треба да финансира и за изградба на соодветни објекти. Тој вели дека струшките училиштата се соочуваат со наталожени долгови посебно кон ЕВН, и смета дека тој проблем не може да се реши со блок дотации. Мерко вели дека пред се од морални причини се нафатил да го решава тој проблем.
„На 22 ноември ЕВН почна со исклучување на струјата на училиштата во Велешта, Октиси…и само што ми се јавија директорите јас лично се јавив во ЕВН и им реков да прекинат со исклучување. Секој денар што го должи оштината и училиштата ќе биде исплатено за брзо време“.
Како што појасна струшкиот градоначалник, на седница на струшкиот совет веднаш донесле одлука за исплата на долговите кон ЕВН. Долгот бил 4 милиони денари од нив биле платени 2 и пол милиони денари во целост, додека пак 1 300 000 денари, на име на камата, им било одбиено. Мерко појасна дека сега немале долг кон ЕВН, останало само да се плати на некои фирми за греење и превоз.