Skip to main content

Струшката библиотека работи со полн капацитет

Струшката градска библиотека работи функционално и во одлични услови. Секоја година го подновува фондот на книги со нови наслови, тврди директорката Слободанка Попоска. Ова доаѓа после забелешките на дел од граѓанските здруженија до кои пак пристигнале укажувања од граѓани, дека лектирите за ученици на албански јазик се слабо застапени во библиотечниот фонд.

 |  Николоска Биљана  | 

До дел од струшките граѓански здруженија пристигнале забелешки дека градската библиотека „Браќа Миладиновци“, кубури со книги. Тоа се однесувало на литературата за деца, на албански јазик. Дел од родителите на децата укажале дека се случува книгата која ја бараат за лектира да ја нема во градската библиотека па биле принудени да ја купат. Слободанка Попоска директорката на ЦК „Браќа Миладиновци“ во чиј склоп работи и градската библиотека, одговорно тврди дека не се случува да враќаат нивни членови поради немање на одредена лектира. Според неа проблемот е сосема друг.

„Проблемот е во наставниците во ОУ. И покрај нашата интервенција да не даваат одредена лектира во ист период тоа се случува и понатаму. Имаме повеќе ОУ и во исто време ја даваат една лектира. Библиотеката не може да има 100 – 200 примероци од еден наслов, значи имаме најмалку 10 и нагоре по 50, 30 зависи како која лектира се бара“ – вели директорката.

Попоска категорична дека градската библиотека работи со полн капацитет. Таа е од отворен карактер, членовите имаат можност сами да си одберат книга и во текот на денот се вртат по 30, 40 а има денови кога бележиме и до 70 читатели, нагласува директорката.

„Библиотеката ни е доста средена ќе видите а лице место секоја година набавуваме голем број книги, ги имаме сите наслови од преводите на стручната литература, имаме и студенти членови, имаме и ѕвездите на светската книжевност, сето тоа е достапно до читателите, библиотекарките професионално си ја извршуваат работата и ниеден читател досега не бил неуслужен“ – објаснува Попоска.

Градската библиотека од Струга располага со фонд од вкупно 85 379 книги. Мал дел од нив се донација и тоа од Владата на РМ посебно стручната литература, нобеловците и  ѕвездите на светската уметност, појаснува Попоска. Таа вели дека годинава Министерството за култура  ги намалило средствата за струшката библиотека и определило 100 000 денари, но затоа пак за потребите на библиотеката одделувале средства од сопствени приходи. Во моментов градската библиотека во Струга има над 1000 членови.

{loadposition content9}