Skip to main content

Струшката болница доби современ апарат за скрининг на рак на дојка

Министерот за здравство Беким Сали денеска ја посети Општата болница во Струга каде предаде во употреба современ мамограф за скрининг и навремено дијагностицирање на промените на дојка. Апаратот ќе го подигне квалитетот на здравствените услуги на пациентки од југозападниот регион.
 |  инфодеск  | 
Струшка болница

По пауза од 5 години во Општата болница во Струга повторно ќе се прави мамографија на дојка. Струшката болница денеска доби современ апарат за скрининг на рак на дојка. Во просек од 2 до 4 случаи од 1000 скрининг мамографии покажуваат рак на дојка, а во 8 до 10% од случаите потребни се биопсии за дијагноза, истакна директорот на болницата Арменд Арслани.

Мамографот којшто е инсталиран во болницата е современ, со ниска доза на зрачење, со контролирана компресија и висока резолуција на графиката. Со овој апарат ќе обезбедиме здравствени услуги за пациентите од цел Југозападен регион – вели Арслани.

Министерот за здравство Беким Сали упати апел до сите жени од 45 до 63-годишна возраст од регионот да ги искористат бесплатните прегледи во рамки на скриниг програмата на Министерството со цел рано откривање на рак на дојка.

Новитет во скрининг програмата оваа година е тоа што сите случаи кои што можат да бидат позитивни нема да се враќаат кај матичните лекари за понатамошните испитувања туку според организацијата на скринингот автоматски се процесуираат и упатуваат пациентките на другите нивоа на здравствени установи – кажа Сали.

Мамографот вреден 45 000 евра е обезбеден од Министерството за здравство во соработка со Светска банка во рамки на проектот за обезбедување современа опрема за дијагностика за 14 јавни здравствени установи во државава.