Струшкиот градоначалник го раскина договорот со старите и ангажира нови фирми да го чистат снегот од струшките улици
Според него, тешката ситуација во која се најдоа граѓаните од Струга и околината е во најголема мера поради неодговорноста на двете компании кои првично биле ангажирани да го чистат снегот. Градоначалникот со ветување до стружани дека ваквата ситуација во иднина нема да се повтори.
Струшкиот градоначалник, Зијадин Села бара спас од проблемите со снегот, со ангажирање на нови фирми за чистење на снегот од улиците. Неговата одлука во најголемите снегови да го раскине договорот со двете фирми кои претходно беа ангажирани да го расчистуваат снегот од струшките улици, предизвика големи контроверзии во јавноста. Ваквата одлука, тој ја правда тврдејќи дека фирмите не ги испочитувале условите во договорот кој го склучиле со општината.
Во него, меѓу другото, стоел и условот, овие фирми да започнат со чистење на снегот кога истиот ќе достигне висина од 5 сантиметри или во првите два часа откако ќе почнат врнежите. Села, вели дека ниту еден од овие услови не бил испочитуван, дополнително, надзорот над ангажираните фирми го информирал градоначалникот дека истите имаат само едно вработено лице за работа со целата механизација.
„Иако од моја страна процедурата која требаше да се направи е направена, не можам да одговарам за неодговорните луѓе кои земаат тендер и после не работат. Се што можев да направам во тој случај е да го раскинам договорот и да барам одговорност за да не се случи нешто повеќе, но ете за тие тешки денови кои ги имаа, ако малку може да им олесни, тоа е јавно да им се извинам на граѓаните, и да им ветам дека нема да биде вака.“-вели градоначалникот на Струга, Зијадин Села.
По раскинувањето на договорот, од локалната самоуправа бил консултиран Советот за јавни набавки за правната можност да се објави нов тендер за ангажирање на нова фирма или фирми кои би работеле на расчистување на снегот.
Откако добиле зелено светло, од локалната распишале нов тендер и ангажирале нови фирми кои веќе работат на терен.
„Тие се истите тие фирми кои чистеа многу патишта кои не беа надлежност на општината. Јас сум свесен дека „Македонија Пат“, вие знаете со каква машинерија е тука, сите главни делови, крстосници кои се надлежност на „Македонија Пат“, се чистеа од страна на општината. Потегот од Мислодежда до влезот на Струга, кој е надлежност на „Македонија Пат“, а каде имаме 20 километри пат, чистено е од страна на општината. Проблематичен е тој дел затоа што не е чистен во првата фаза, бидејќи нели мислевме дека ќе го чисти „Македонија Пат“, кога видовме дека тие не го чистат, ние излеговме на терен и го чистевме толку колку што можеше да се чисти бидеќи веќе имаше мраз.“-рече градоначалникот.
Според Села, патиштата кои се во надлежност на општината се во подобра ситуација, но сепак признава дека има проблеми на дел од улиците низ Струга. Нашата камера успеа да регистрира дел од механизацијата на новоангажираните фирми како се обидува да ги расчисти улиците, но очигледно тоа тешко оди со оглед на фактот дека веќе станува збор за дебел слој на мраз кој потешко се отстранува.
За деновиве најавени се нови врнежи од снег кои ќе го зафатат нашиот регион, што најверојатно уште еднаш на тест ќе ја стави подготвеноста на општините Охрид и Струга за справување со зимските услови.
{loadposition content9}