Стружанецот Даниел Шикоски првиот театарски режисер со хендикеп во земјава
Стружанецот Даниел Шикоски е првиот театарски режисер со хендикеп во последните педесет години во земјава, кој дипломирал со просек 10.
Има три факултетски дипломи, театарска драматургија, академија за филмско сценарио и новинарство. Работи на магистратура за театарска режија.
Неговиот оштетен вид не го попречува до целта, вели сака да докаже дека и лицата со попречености може да бидат успешни и самостојни.
Ништо не е тешко ако се сака, бидејќи најголемата препрека пред успехот е стравот. Кога ќе влезеш во некоја работа и кога ќе го поминеш тој страв си успеал и се се може да се успее. Нема граници што можеме да успееме – вели Даниел Шикоски, лице со оштетен вид.
Дваесет и седум годишниот Шикоски, денес работи како негувател во „Порака Нова”. Државата дава бенефиции за вработување на лицата со попреченост, но само на заштитни друштва, а тоа се фабриките. Потребни се измени во законот за еднаков пристап на лицата со попреченост на пазарот на трудот.
Државата нуди мерки со кои ние можеме бесплатно да студираме како лица со попречености. Но кога веќе ги образуваме лицата со попречености треба да им дадеме повеќе можности за излез на пазарот на труд. Ако едно лице завршило факултет во таа област да му овозможи полесено да влезе во таа област – вели Шикоски.
Негова животна инспирација е драмската уметност, има режирано два филма, напишал две драми и дел е од драмското студио „Миладин” Струга.
Пораката на Шикоски е општеството да им даде еднакви можности на лицата со попречености, кои се образувале и стекнале социјални и работни вештини за самостоен живот и егзистенција.
Новинар : Соња Рилковска