Стружани го кренаа гласот против казината и обложувалниците
Алармот го вклучи изградбата на ново казино во градот, во близина на училиште и детска градинка. Велат во Струга има повеќе објекти наменети за игри на среќа од образовни институции. Бараат државата да го ограничи бројот и локациите каде може да се отвораат вакви објекти.
„Барем да ги ограничат местата каде може да се отвораат ние сме да нема казина воопшто во Mакедонија како што нема во Грција и други земји. Ете да не бидеме радикални, но да не се во места како станбени комплекси, близина на школи да најдат начин тоа да се дислоцира”, вели Жарко Мукоски жител на Струга.
„Ние ќе ги поддржуваме до крај затоа што ова е една болест, во нашето општество гледаме од лошо полошо, не само од луѓето кои играат туку и врз сите. Бараме да се тргнат скроз од нашето општество“, вели Адим Мутртиши муфтија од Струга
Штетите и последиците што ги предизвикуваат игрите на среќа во животот на младите луѓе и семејствата се големи, велат граѓаните, кои бараат затворање на казината и обложувалниците.
„Сите го знаеме негативното влијание врз младината врз нашите деца, тие треба да се километри оддалечени од школи и градинки. Зад нас е градинката 200 метри, па 500 метри ни е основното школа и на прва линија на крајбрежјето“, вели Асим Муса жител на Струга.
„Непосредно во близина имаме школо, имаме објекти каде учат нашите деца во тоа школо учи и моето дете. Сум апелирал, сум се ангажирал но досега немаме одговор од владата. Исто така ова нема да запре, овде ќе одиме со нашите предлози до минситерството за финансии, владата“, вели Бесник Асани адвокат од Струга.
Во февруари годинава поранешниот претседател Пендаровски не го потпиша Указот со предложените Измени во законот законот, кој предвидува објектите за игри на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основните и средните училишта.
Само во Струга има околу 50 тина обложувалници и казина, а истражувањата покажуваат дека старосната граница се спушта, коцкањето станува порок и на деца.
Новинар Соња Рилковска