Skip to main content

Енергетска криза

Стружани поднесоа приговор за исклучувањето на јавното осветлување

Граѓани на Струга поднесоа Управен приговор до општината за исклучувањето на јавното осветлување. Бараат да се намалат сметките на граѓаните, кои плаќаат ваква комунална такса. Градоначалникот Мерко, вели не се исклучува целото осветлување. Општината просечно трошела до 2 милиони денари месечно струја, а само за август годинава добиле фактура од 10 милиони денари, што е петкратно повеќе.
 |  инфодеск  | 
Општина Струга

Општина Струга „заработи“ Управен приговор од граѓаните заради исклучувањето на јавното осветлување во градот и околината. Доколку има рестрикции и заштеда со исклучување на градските светла, мора да се намалат и сметките на граѓаните, кои плаќаат ваква комунална такса, велат правниците и бараат Советот на општина Струга итно да расправа по приговорот. Градоначалникот Рамиз Мерко, вели не се исклучува целосно осветлувањето, но во енергетската криза мора да се преземаат мерки за штедење.

Што сега после 12 сатот полноќ да свети. Никој не шета, зошто да не намалиме одредени светлечки места за да можеме да заштедиме, извесна количина на потрошувачка на електрична енергија – вели Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга.

Рамиз Мерко

Поставени се тајмери на јавното осветлување за негово исклучување, а со тоа се спречуваат и многуте кражби на електрична енергија, кои биле детектирани на територијата на општината.

Тука се и дивите приклучоци ете отворено ќе речам кражбите на струја за што имаме такви жители и граѓани, наши сограѓани кои навистина го злоупотребуваат уличното осветлување. Дали внатре во домовите или во парковите и дворовите. Со ова исклучување и тие ќе бидат исклучени – додава Мерко.

Општината просечно трошела до 2 милиони денари месечно струја, а само за август годинава добиле фактура од 10 милиони денари, што е петкратно повеќе.

Новинар : Соња Рилковска