Судот го осуди гинекологот Мухамед Асани
Основниот суд Струга донесе пресуда за поранешниот директор на струшката болница, гинекологот Мухамед Асани. Одредена му е казна затвор во траење од 2 години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши ако осудениот во рок од 4 години не стори ново кривично дело. Осуден е за давање здравствени услуги без дозвола, прегледувал пациентки и водел бремености од 2015 до 2020 година.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди дека во просториите на семејна куќа во Струга опремил ординација која не била регистрирана, за што сведочеа пациентката Јилдиз Веапоска и други две родилки.
Ги доставивме доказите кои што ги имавме за тоа што одевме во неговата ординација бевме сослушани од страна на судот и мило ми е што што се донесе ваква одлука и се докажа дека работел во таква нелегална ординација – вели Јилдиз Веапоска, родилка од Дебар сведок во постапката.
Жените кои ги прегледувал Асани плаќале за секој преглед, а не добивале никаква документација, ниту сметка.
Ми наплатуваше за секој преглед 1200-1500 зависи од тоа колку ќе побараше докторот што интервенција ќе завршеше. Парите му ги дававме во раце, а не добивавме фискална ниту било каква документација – додава Веапоска.
Докторот Мухамед Асани е првообвинет и во случајот со родилката од Дебар. Заедно со неговиот син Блертон Асани и Лилјана Јованоска, тројцата гинеколози од струшката болница се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Поради лекарска грешка при породување го загрозија животот на родилката Веапоска, а таа остана без бубрег, јајник и матка. Овој судски процес продолжува на 10 март.
Новинар Соња Рилковска