Судот не прифати застареност на кривичното гонење на Мерко, одбраната побара изземање на судијата
Судот го одби приговорот на одбраната за застареност на кривичното гонење на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во однос на набавката на луксузниот автомобил Ауди А6. Обвинителот на денешното рочиште поднесе докази дека настанал прекин во застарувањето на делото во 2021 година.
Неспорно може да се утврди дека настапил прекин на релативна застареност, а застареноста не е никаква привилегија на сторителот на кривичното дело, рече судијката.
-Мојата одлука е одбивање на приговорот за релативна застареност бидејќи настанал прекин, изјави судијката Надица Митреска.
Одбраната по одбивањето на приговорот за отфрлање на обвинителниот предлог, побара изземање на судијата.
-Сметам дека за овој суд постои само една странка а тоа е ЈО, судот врши дирекна повреда на законот кој гарантира правично судење. Доставените докази, пред да носи судот одлука не ги достави на одбраната и го ускрати правото на одбраната за соодветно да се произнесе, рече Игор Петкоски адвокат на Рамис Мерко.
Судот ја одложи главната расправа на неодредено време се до одлука од претседателот за изземање на судијата.
-Јас сметам дека сум непристрасна, дека постапувам апсолутно совесно и согласно закон. Ќе се чека одлука на претседателот на судот во однос на поднесеното барање. Одбраната во рок од 24 часа ќе достави образложен предлог детален зошто бара мое иземање. Дополнително ќе се знае дали предметот ќе е кај мене или кај некој друг судија во Судот, додаде Митреска.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал го гони струшкиот градоначалник за злоупотреба на службената положба, бидејќи спротивно на начелата на законитост, кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра со што го оштетил буџетот.
Новинар Соња Рилковска