Судските вештаци лоцираа одговорност кај лекарите за родилката од Дебар
Со распит на судските вештаци од Институтот за судска медицина , денеска во Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, Јилдз Веапоска, која при породување во 2020 година остана без бубрег, матка и јајник. Вештаците одговарајќи на вкрстеното испрашување кажаа дека одговорноста е кај докторот кој ја водел бременоста и породувањето но и кај сите лекари и целокупниот медицински персонал. Веапоска очекува одговорност и правда.
„Секој доктор од влезот на мојот пороѓај до излезот од болницата јас сметам и како што пишува во вештачењето цел персонал е одговорен за тоа што останав без органи. Се зафатија само за бубрегот но да потсетам до обвинителството до адвокатите и до сите дека кај мене не е само бубрегот изваден, туку кај мене и матката е извадена а за матката воопшто не се зборуваше, зошто е извадена и зошто повеќе не можам да станам мајка. Не можам веќе да имам други деца“, рече во изјава Јилдз Веапоска.
Судските вештаци забележаа дека не бил навремено извршен преглед после обилното крварење на родилката по царскиот рез немало соодветна медицинска грижа, што довело до вложување на здравствената состојба.
„Во вештачењето стои дека учесниците во оперативниот зафат кај мојата клиентка, вадењето на сите тие органи, товарот на несовесното лекување паѓа на сите учесници. Во самото вештачење се зборува за гинеколозите, за анестезиолозите.. за сите учесници. Да влезете сосема здрав и прав и да излезете без три органи треба сите кои придонеле за тоа да одговараат”, вели адвокат на оштетената Сашо Јанев..
Во судскиот процес првообвинетиот Мухамед Асани како лекар-специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот Блертон Асани како лекар-специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата Лилјана Јованоска како лекар-гинеколог акушер се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето. Тие при укажување лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување, со што предизвикале влошување на здравствена состојба на родилката од Дебар поради што таа остана без три органи.
Д-р Асани е поранешен директор на Струшката болница, а беше разрешен токму поради овој случај. Тројцата лекари кажаа дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело.
Новинар Соња Рилковска