Skip to main content

Детали за полициската акција во Струга

Сузбиена криминална група составена од повеќе лица од Струга, едно од Охрид и албански државјанин

Уапсени 19 лица, по 3 се трага а едно лице е во затвор. Криминалнaта групa била инволвиранa во недозволена трговија со дрога и оружје.
 |  Маја Савиќ  | 

Сузбиенa организиранa криминалнa групa инволвиранa во недозволена трговија со дрога и оружје во координирана полициска акција која од утрово се спроведуваше во охридско струшкиот регион. Криминалната група била составена од повеќе лица од Струга , едно лице од Охрид и еден албански државјанин.

„ Постапувајќи по наредби за претрес издадени од судија на предходна постапка извршени се претреси на вкупно 36 локации во Струга, Охрид и во затворот во Скопје, при што од слобода се лишени 19 лица, по 3 лица се трага, а едно лице е во затвор од предходно заради обид за убиство во друг кривично правен настан. Кривично се пријавени вкупно 23 лица за кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје.“ – објави МВР.

При извршените апсења и претреси на локациите биле пронајдени и одземени оружје и муниција од различен калибар, кокаин, марихуана , пари, патнички моторни возила и мобилни телефони.  На денешната акција која ја спроведоа Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал со координација со Одделот за криминалистичка полиција, одделот за специјални полициски операции и ОВР Струга под раководство на надлежен јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и предходела повеќемесечна предистражна постапка.

„Во периодот од јануари 2023 година до месец ноември 2023 год првоосомничениот, заедно со тројца други осомничени, заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин, хашиш и марихуана се здружиле и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на наркотичната дрога. Нелегалните активности во делот на продажбата ги вршеле во три мрежи заедно со 16 од останатите осомничени лица. “ – информираа од МВР

Дрогата се набавувала од лица од Албанија која првоосомничениот ја пренесувал и сокривал на безбедна локација во Струга, по што дел дрогата се пренесувала во два угостителски објекти во Струга, а останатата количина спакувана во помали пакувања се продавала преку мрежите воспоставени од останатите тројца организатори. Во зависност од побарувачката на заинтересирани купувачи, наркотичната дрога – кокаин спакувана во помали паковки се продавала по цена од 60 евра до 100 евра за 1 (еден) грам, 50 грама марихуана со висок квалитет по цена од 100-250 евра, додека масло од хашиш нелегално произведено во домашни услови се продавало по цена од 40 евра од кубик.

Во истиот временски период, четворица осомничени, се организирале како злосторничко здружение заради неовластено набавување, држење и продавање на огнено оружје и муниција, а во тргувањето со оружје се приклучиле уште двајца од осомничените.

Поради опасност од  бегство, криење, фалсификување или уништување на траги на кривично дело и влијание врз сведоци, предметниот обвинител на судијата на претходна постапка ќе предложи определување на мерката притвор за сите осомничени лица.