Skip to main content

Не чекајте симптоми, правете контроли навреме, порачуваат од „Нефрологија“ Струга по повод Светскиот ден на бубрегот

Редовната контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта, физичката активност, здравата исхрана и лабораториските анализи можат да помогнат во заштитата на бубрезите.
 |  инфодеск  | 

Денес се одбележува Светскиот ден на бубрезите, под мотото: „Здрави бубрези за сите: Грижа за луѓето, заштита за планетата.“ Овој ден има за цел да ја зголеми свеста за значењето на здравјето на бубрезите и превенцијата од бубрежни заболувања.

По тој повод зградата на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга беше осветлена како симбол на поддршка.


Според глобалните податоци, околу 850 милиони луѓе во светот живеат со некаква форма на бубрежно заболување, додека во Македонија се проценува дека околу 100 илјади лица страдаат од хронична бубрежна болест. Околу 1500–1600 пациенти се третираат со хемодијализа, а околу 20 со перитонеална дијализа.

Болеста често се развива без симптоми и се открива во подоцнежни фази.
Лекарите нагласуваат дека превенцијата и раното откривање се од големо значење. Редовната контрола на крвниот притисок и шеќерот во крвта, физичката активност, здравата исхрана и лабораториските анализи можат да помогнат во заштитата на бубрезите.


По повод овој ден, ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга спроведе активности за подигање на свеста кај граѓаните, вклучувајќи мерење на крвен притисок и шеќер во крвта, совети од лекари и симболични активности за пациентите на дијализа.
Пораката на овој ден е јасна велат докторите: Не чекајте да се појават симптоми, правете контроли навреме. Вашите бубрези работат за вас секој ден. Грижете се за нив денес, за да бидете поздрави утре.