Skip to main content

Убиство во Струга

Голубинка Шулевска утрово е убиена од страна на нејзиниот поранешен сопруг.

 |  Татјана Маленкова  | 
Неофицијално, поранешните сопружници подолго време имале семејни недоразбирања, а истрагата треба да го утврди мотивот за свирепото убиство.
Според првичните неофицијални информации од истрагата, Перо Шулески (1961) ја убил поранешната сопруга Голубинка (1962), која по разводот го променила презимето во Јанеска. Котевски потврдува дека од ОВР Струга многупати против двајцата сопружници  поднесувале  прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир.  На осомничениот Шулевски му била и изречена забрана да и се приближува на поранешната сопруга, а против него била поднесена и кривична пријава поради недозволено поседување на оружје. „Убиството осомничениот го извршил околу 8 часот утрово. Влегол во гаражата на куќата,  ја пречекал жртвата и откако започнале вербална расправија го извадил пиштолот марка „Црвена застава“ калибар 7,65 милиметри, испукал еден куршум во дворното место по што жената се качила на велосипед и почнала да бега“, вели Котевски.

Комшиите на Шулевски потврдуваат дека проблемите кои ги имале сопружниците меѓусебно, им биле добро познати. Очевидецот Рајко Ѓероски, денеска видно вознемирен раскажува за она што се случило пред неговите очи.„Видов дека жената доаѓа и дека е раскрвавена. Таа трчаше, а тој ја бркаше со пиштол во рацете. Не можев да направам ништо, затоа што имаше пиштол. Слушнав уште три истрели и знаев дека е мртва“, вели Ѓероски.
Откако Шулевски ја убил порнешната сопруга, без отпор и се предал на полицијата, која набргу пристигнала на местото на настанот.
„Полициски службеник, кој живеел во близина, потрчал на местото на убиството, му го одзел оружјето и со помош на други го врзал осомничениот, по што пристигнало и возило на итна медицинска помош“ вели Котевски.