Skip to main content

Укината забраната за користење на водата за пиење во Струга

Според информациите од надлежните институции, неколкудневните континуирани лабораториски анализи покажале дека матноста на водата е во дозволените граници, што беше и главниот услов за укинување на претходно воведената забрана.
 |  инфодеск  | 
Струга Црн Дрим

По речиси еден месец ограничувања, укината е забраната за користење на водата од градскиот водовод во Струга, откако последните анализи покажале дека водата е безбедна и ги исполнува пропишаните стандарди за квалитет.

Според информациите од надлежните од Центар за јавно здравје Охрид, неколкудневните континуирани лабораториски анализи покажале дека матноста на водата е во дозволените граници, што беше и главниот услов за укинување на претходно воведената забрана.

Забраната беше воведена поради зголемена матност на водата од изворот „Шум”, по што граѓаните подолг период не можеа да ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна. Во меѓувреме, локалните власти и надлежните служби обезбедуваа вода за пиење преку изворите во Заграчани и Белица, но и цистерни поставени на повеќе локации во градот.

Од надлежните институции информираат дека состојбата со водоснабдувањето е стабилизирана и дека водата повторно може да се користи за сите потреби на домаќинствата. Сепак, се најавува дека и во наредниот период ќе продолжат редовните контроли и анализи на квалитетот на водата со цел да се обезбеди сигурно и безбедно водоснабдување за граѓаните.

Проблемот со водата во Струга предизвика голем интерес во јавноста, особено поради тоа што рестрикциите траеја речиси еден месец, што создаде потешкотии за домаќинствата и бизнисите во градот. Со укинувањето на забраната, граѓаните конечно повторно можат нормално да ја користат водата од градскиот водовод.