Успешен старт на туристичката сезона во Вевчани
После две години рестрикции и ограничувања, забележителен е зголемен број на туристи од странство во Вевчани. Најактуелни се организираните еднодневни и викенд екскурзии со странски гости, кои уживаат во живописната природа на Јабланица, Вевчанските извори и трaдиционалната храна.
Има благо намалување на домашните гости, кои во пандемијата поради неможност да патуваат во странство избираа одмор во планинската природа.
Она што е забележително оваа сезона, бидејќи границите се отворени доста од нашите туристи – македонски, што ги имавме изминатото лето, кога не можеа да патуваат во странство ги немаме. И сега тие трендови се надминуваат горе-долу, но сепак подобро е отколку кога беше затворено се – додава Угриноска.
Вевчани е се попривлечна еко дестинација, позната по чистиот воздух, ладната изворска вода, планинската клима. Важи за зелена општина и засилено работи на развој на активен туризам.
За наредната година да се нафатиме да дадеме малку поинаков производ. Вевчани како место особено атрактивно е за тој активен туризам, веќе се прават проектите за велосипедските патеки околу Јабланица околу Вевчани – вели Ефимија Угриноска, угостител од Вевчани.
Најмалата општина во земјава станува се поважна дестинација за активен туризам во Југозападниот регион. Во Вевчани има 20 манастири, излетнички места, летнички езера, карпа за алпинистичко качување – ферата, ергела која нуди прошетки со коњ низ планинската природа.
Новинар : Соња Рилковска