Skip to main content

Вандали ја нагрдија „Василичарска епопеја“, првиот мурал кој го разубави Вевчани

Министерката за култура најостро го осуди вандалскиот чин и апелира до надлежните органи за откривање на сторителите. Муралот беше промовиран на 19ти ноември, и е приказ на целата церемонија и приказна на вевчанската вековна традиција.
 |  инфодеск  | 

Mуралот „Василичарска епопеја“ во центарот на Вевчани не издржа ниту три дена. Монументалното дело, прво во Вевчани е оштетено. Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојческа го осуди вандалскиот чин на оштетување на муралот

„Василичарска епопеја“ во центарот на Вевчани, поддржан од Министерството за култура е израз на почит кон вевчанската традиција, историја и култура и треба да се вреднува како општо национално добро.  Неприфаќањето на уметничкото облагородување на јавен простор, што ја засилува убавината на Вевчани, не користи никому, а уште помалку да е предмет на поделби од каков било вид. – објави министерката.

Министерката додаде дека очекува  осуда за ваквиот чин и од локалната власт и постапување на надлежните органи за откривање на сторителите кои го уништија делото, а кое е активен придонес во збогатувањето на животот на Вевчани и на посетителите на општина Вевчани.

Ова вредно и оригинално уметничко дело беше промовирано на 19ти ноември, и е приказ на целата церемонија и приказна на вевчанската вековна традиција.

Муралот оддава почит на богатиот културен опус на Вевчани, овековечувајќи го наследството на нашиот негуван Вевчански карневал – еден од најстарите европски и први карневали во државата, зачленет во Светската карневалска федерација.

Проектот кој ја доби поддршката од Министерството за култура ја надминува естетиката и е доказ за нашата посветеност да го зачуваме и славиме нашето културно наследство. Мотивот на муралот одлично се вклопи во просторот и контекстот, а Вевчани дополнително се оживеа благодарение на големата површина на муралот и живите бои.