Вевчани стана првата зелена приказна во земјава
Општина Вевчани стана првата зелена приказна во земјава, дел од престижната листа на најдобрите топ 100 зелени дестинации за 2022 година во светот.
Беше избрана на натпреварот „Top 100 Green Destinations“ при што се избираа одржливи туристички приказни и добри практики од дестинации ширум светот кои ќе бидат инспиративни примери.
Клучното на овој епитет и признание е развој на еко одржлив туризам и подигнување на свеста за заштитата на природата.
Заштитеното подрачје опфаќа голем дел и од планинскиот појас така што сите активности кои ќе се одвиваат, односно сите туристи кои што ќе доаѓаат ќе водат грижа за самата природа и за самата околина. Без да прават штета на природните ресурси, а сепак да уживаат во природните благодети – вели Александра Велкоска, туризмолог од Вевчани.
Првенствено ќе се едуцира локалното насление, особено туристичкиот сектор за развој на одржлив рурален туризам, во кој приоритет е заштитата на природното богатство.
Самиот епитет зелена дестинација привлекува таков тип на таргет на туристи, кои се грижат за природата, сакаат да уживаат во природата и би платиле дури и повисока цена со цел да уживаат во вистинските природни убавини. Вевчани како мала општина, како мало место најдобро е за развој на токму активен туризам, масовниот туризам допринесува кон повеќе негативни влијанија кон природата – додава Велкоска.
Општина Вевчани како прва одржлива дестинација во Македонија, ќе биде модел кој ќе послужи како инспирација и во иднина ќе се преслика на други дестинации низ државата.
Новинар : Соња Рилковска