Вевчани инвестира во зелена енергија, фотоволтаици и топлотни пумпи за пониски трошоци

Вевчани, најмалата општина во земјава и прва зелена општина, засилено работи на унапредување на енергетската ефикасност и користењето обновливи извори на енергија. Училиштето, спортската сала, детската градинка, општинската зграда, поштата и мултикултурниот центар се меѓу јавните објекти во Вевчани на кои се применети мерки за енергетска ефикасност.
Според Општината, објектите имаат енергетски ефикасни фасади и фотоволтаични системи, со кои се произведува електрична енергија за сопствените потреби. Дел од активностите се реализирани со поддршка од Министерството за локална самоуправа, а дел со помош на меѓународни донатори.
„Ние во Вевчани, сите општински згради се енергетски ефикасни, значи училиштето, спортската сала, детската градинка, зградата, поштата, општината, мултикултурниот центар, значи сите имаат енергетски ефикасни фасади и сите имаат фотоволтаици. Особено поставивме фотоволтаици на градинката, со Министерството за локална самоуправа. Значи, сите објекти се тотално енергетски ефикасни и сопствените потреби за електрична енергија ги задоволуваат. Значи, не само сега, сега се надополнуваме само. Уште од почетокот, самите почетоци, кога се градеа објектите и се реновираа, енергетската ефикасност ни е застапена во сите објекти.“ -вели градоначалникот Спасе Кочовски.
Една од инвестициите е реализирана во детската градинка „Планински цвет“, каде што постојниот фотоволтаичен систем од 4 киловати е надграден на 40 киловати.
Во градинката се инвестирани и 2 милиони 713 илјади и 551 денар за поставување енергетски ефикасни топлотни пумпи, со цел замена на греењето со фосилни горива.
Дополнителна инвестиција е реализирана во пречистителната станица за отпадни води, каде што во 2024 година е поставен фотоволтаичен систем со моќност од 19,8 киловати.
„Видете, тука малку не е регулирано со ЕВН, со дистрибутивната мрежа што е наша, меѓутоа се штеди. Во време кога е сончево, на пример, градинката во овој период, во сончеви периоди, скоро ги задоволува потребите за електрична енергија од фотоволтаиците.“– посочува Кочовски.
Следниот поголем проект што го планира Општина Вевчани во областа на енергетската ефикасност е изградба на фотоволтаична централа на локацијата „Тумба Плешец“.



