Skip to main content

Нови информативни табли и подобрено осветлување за посетителите на Вевчански Извори

Десет нови информативни табли се поставени во заштитеното подрачје „Вевчански Извори“, додека паралелно продолжува и реконструкцијата на осветлувањето на пешачките патеки, со што се унапредуваат условите за посетителите и се придонесува кон подобра заштита и промоција на природните вредности на локалитетот.
 |  инфодеск  | 

Десет нови информативни табли се поставени низ заштитеното подрачје „Споменик на природата Вевчански Извори“, со цел посетителите подобро да се запознаат со природните вредности на локалитетот, но и да се поттикне одговорно однесување во природата.

Таблите содржат информации за биодиверзитетот, ретките видови и природните карактеристики на подрачјето, како и насоки за движење по патеките. Од „Еко-свест Вевчани“ посочуваат дека преку подобрата информираност се придонесува и кон заштита на живеалиштата и зачувување на чистотата на изворите.

Паралелно со овие активности, во „Вевчански Извори“ продолжува и уредувањето на инфраструктурата. Во тек е втората фаза од реконструкцијата на осветлувањето на пешачките патеки, со која се обновува и модернизира постојната опрема и се обезбедува поголема безбедност и попријатен амбиент за посетителите на овој туристички и природен локалитет.

Активностите за поставување на информативните табли се дел од проектот „Поддршка на одржливо управување со Споменикот на Природа Вевчански Извори – Фаза 2“, спроведуван од „Еко-свест“, а финансиран од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.