Вевчанскиот карневал, легенда
48 часовна апсолутна слобода на телото и умот. Тоа е нараскинлив дел од традиционалниот вевчански карневал и на сите учесници во него, кој веќе бележи 1400 години од своето постоење. Во знак на православна нова година- Василица, на овој ден во струшкото село Вевчани се јадат колбаси, комат, а најповеќе се пие вино и топла ракија. Добрите познавачи на адетите за овој голем ден, кажаа дека вевчанскиот карневал се организира во тотален хаос, а тече во невиден ред.
Вевчанци се познати како најупорни и наиздржливи во негување на старата традиција и адети, смета Лилјана Попоска, пратеничката на ДОМ. Таа и годинава присутна меѓу вевчанци.
Амбасадорот на САД во Р. Македонија , Филип Рикер заедно со неговата сопруга за прв пат беа гости на вевченскиот карневал. Многу слушале за него, а сега се тука и лично со цел да му ги пренесат импресиите на претседателот Обама. Тука беше и Евроамбасадорот Ерван Фуере, се разбира со своја порака.
Заедно со своите сопартици, денес во Вевчани беше присутен и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенкоски. Тој и годинава не го пропушти вевчанскиот карневал и смета дека оваа традиција од година во година се повеќе добива на квалитет.
Годинешниве маски не ја одминаа актуелната политичка состојба. Критиките кон актуелната власт посебно кон судството, културата, министерството за внатрешни работи доминираа. Под маска беше присутен и Велија Рамковски, Бин ладен, Џеврие, и многу други. Вевчанци, во креативноста под маски ја пренесоа и пораката, „Кој не го спроведувал и не го почитувал законот ќе остане запаметен за навек“, што се однесуваше на изградбата на џамијата во Горна Белица. Имено тие сакаа да кажат дека она што не им успеа на турците во пет вековното владеење, му успеа на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ во 2010 година.