Вевчанските василичари немале намера да ја сквернават Христијанската вера
Вевчанци револтирани од навредите на социјалните мрежи. Велат карневалската интерпретација на крст изработен од гајби, која предизвика лавина реакции од верниците и Бигорскиот манастир, не претставува сквернавење на Христијанската вера. Ниту некој во Вевчани имал таква намера.
Вчера Бигорскиот манастир преку соопштение во јавноста побара извинување од Василичарите.
„Длабоко повредени од непристојноста и од богохулното исмевање на Божествената Личност на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, воедно и на Сечесниот Крст, на т.н. Вевчански карневал, гласно повикуваме на јавно извинување од организаторите и од учесниците во тоа несреќно светогрдие, како и на превенирање на слични случувања во иднина.“ – се вели во реакцијата од Бигорски.
Пораката на маската се маките на алкохолизираните лица, а не било какво сквернавење на Бог и Светиот крст, велат Василичарите Додаваат дека се повредени од намерните напади на јавноста упатени кон уникатната и најстара карневалска манифестација во земјава. Велат Вевчани е столбот на православието во регионот.
„Ние во Вевчани имаме парохиски свештеник, кој на Василица сечи леб. Тоа е христијанство. Ако сме ние пагани како што сме опишани насекаде низ социјалните мрежи зошто црковните бајраци одат напред во Василичарските ора. Зошто попот во двата конаци Горно и Долно маалски сече леб. Што се сака да се постигне навистина не знам. Не ја знаеме позадината, насетуваме од каде е центарот. Несакаме да прејудицираме додека не се разјаснат работите. Ако хуморот, сатирата не се сфати проблемот не е кај нас Василичарите проблемот е од другата страна.“ – вели Сашо Бетоски сатиричар и василичар од Вевчани.
Карневалот е пародија, отслик на слободоумноста на Вевчанци и тоа е така со векови. Никој не знае какви маски подготвуваат Василичарите тие се чуваат во потполна тајност. Карневалот отсекогаш бил спој на христијанството и паганството, токму поради тоа е уникатен и познат во светски рамки.
„Овде слободата е неограничена, секој прави што сака Не можеме ние цензура, кога и воопшто не знаеме што ќе се случува од 12 до 13 на вечер. Не знаеме кој што подготвува. И како одбор како би реагирале кога ништо не се знае однапред. Вевчанци се едни културни, хумани луѓе домаќини. Пред се верници. Немојте да го сфатите тоа во контекст како што вам ви одговара. Во Вевчани е единствениот спој на паганството и христијанството тука се направил интересен спој. Напред игра бајракот а позади него ѓаволот. Глупавиот август, вилите , ѓаволите тука е тој спој да се истера злото. Цел свет сака да дојде во Вевчани, а нас македонците нис мета. Имавме новинари од Норвешка, Полска доаѓаат странци да го видат тој спој на паганство и христијанство”, додава Бетоски.
Инаку пред 12 години за маска на Вевчанскиот карневал имаше силни реакции од ИВЗ. Апелот на верските заедници до Василичарите тогаш беше да се избегнуваат маски со навредлива содржина кон верските чувства.
Новинар Соња Рилковска