Владата на чекор до одлука
Kаде ќе биде регионалната депонија за југозападниот регион? Тоа со сигурност ќе се знае во 2010 та година, најави Министерот за жиовотна средина и просторно планирање Неџати Јакупи на петтата седница на Советот за развој на југозападниот регион.
Енигмата каде ќе биде регионалната депонија за југозападниот регион државата ќе ја одгатне во 2010 година . На оваа тема години наназад 13 татковци на општини од регионов, дебатираат без конечен епилог. Познато е значењето на заштита на животната средина. Во моментов на тоа поле нема конкретни резултати, бидејќи од натрупаните проблеми не се забележуваат ниту минималните залагања на Јавните претпријатија од оваа сфера. Тоа е заеднички став на неколку градоначалници. Министерот за Животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи денеска од Струга потенцираше дека издавањето под концесија на регионална депонија е сложен процес и за прв пат се прави во Р. Македонија. Тој бара институционален пристап.
„Многу скоро ќе имаме инвестиции на регионалните депонии на оние локации каде државата ќе ги лоцира како адекватни за депонирање на комунален отпад и тие ќе се изградат по стандарди на Европската Унија и веќе концесионерите заедно со општините и комуналните претпријатија ќе пристапат во едно јавно-приватно партнерство каде ќе ги усогласат нивните потреби и учеството за да се дигне и реформира овој цел процес да се воспостави еден интегриран процес на модерен начин“.
Градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко, како претседател на Советот за развој на југозападниот регион, рече дека се прават сериозни напори да се најде начин, поточно државата веќе да ја посочи можната локација за регионална депонија. Затоа денеска присутен е и министерот за екологија заедно да ја одредиме локацијата, додаде Мерко.
Владата и министерствата треба само да ја одредат локацијата за регионална депонија. Останатото е наша работа, бидејќи ние најдобро го знаеме пулсот што треба понатаму да се прави, рече градоналчалникот на Охрид Александар Петрески на петтата седница на Советот за развој на југозападниот регион. Охрид високо котира на ниво на животна средина, но сепак, далеку од она што го налагаат европските стандарди, додаде тој.
Општина Кичево е црна точка за депонирање на сметот. Изразен е проблемот со комуналниот отпад, вели градоначалникот на Кичево Благоја Деспотоски.
„Состојбата со одлагањето на смет во Кичево е најкатастрофална во Македонија и покатастрофална и од Струга. Ние буквално ѓубрето го фрламе во реката Зајачка т.е. во реката Темница што се влева во Треска, што е катастрофална состојба. Ние од овој состанок очекуваме да изнајдеме решение за регионална депонија каде би одлагале смет н еден современ европски начин“
Регионалната депонија е реална потреба и врвен приоритет. 2010 година и наредните две години ќе требаат огромни средства за да се реализира овој проект. Засега, предвидени се вложувања само на странски инвестиции. Позитивно е што се надминати сите досегашни недоразбирања во врска со овој проблем, и ставовите на 13 те градоначалници се конечно се усогласени.