Skip to main content

Владата ја раскина концесијата за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга

Причина за раскинувањето на концесијата е тоа што компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема никаква активност, а не била исплатен ниту концесиски надоместок.
 |  инфодеск  | 

На предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Владата еднострано ја раскина концесијата за рудникот за експлоатација на јаглен на локалитетот „Пискупштина“ во Струга.

Истовремено, констатиран е престанок на важењето на уште четири концесии кои се истечени. Одлуките следат по сериозни пропусти на концесионерите во исполнувањето на законските обврски.

Во случајот „Пискупштина“, инспекцискиот надзор утврди дека концесионерот вршел експлоатација надвор од дозволеното поле, што претставува директно прекршување на договорот и законот. Жалбите од жителите на селото Пискупштина доведоа до детален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за енергетика и рударство, кој ја потврди неправилноста, велат од Министерството за енергетика и рударство.

Ова е втора еднострана раскината концесија за само неколку недели. Претходно беше донесена одлука и за раскин на концесијата за експлоатација на варовникот „Лавинчеви“ во Општина Гази Баба.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека компанијата не обезбедила минимална експлоатација од 20% – односно 25.000 тони годишно – и за три години практично нема активност, а не е исплатен ниту концесиски надоместок, а долгогодишниот прекин на активностите и непочитувањето на законските обврски биле потврдени со вонреден инспекциски надзор.

Сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки, а одговорното и одржливо управување со природните ресурси останува стратешка цел на државата.

Владата и Министерството нема да толерираат несоодветно користење на природните ресурси, а здравјето и безбедноста на граѓаните остануваат на прво место, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.