ВМРО-ДПМНЕ: Колку чини здравјето на стружани?
Безбедна вода и набавка на хлор, а не неконтролирано трошење пари за најлудата ноќ, бараат од грдоначалникот Зијадин Села од ОК на ВМРО – ДПМНЕ. Од таму со остра реакција кон градоначалникот за неговата одговорност за состојбата со водата и засегнатоста по здравјето на стружани.
Колку чини здравјето на граѓаните на општина Струга, прашуваат до ОК на ВМРО – ДПМНЕ од овој град. Од таму остро реагираат во врска со состојбата со водата за пиење. Перо Петкоски претседателот на општинскиот комитет вели дека граѓаните со право реагираат бидејќи во водата за пиење утврдено било присуството на бактеријата Ешерихија коли и други колиформни бактерии.
„Актуелната алармантна ситуација е преминување на сите граници и претставува еден вид биолошка војна со сопствените граѓани, господине Села! Граѓаните точно знаат дека снабдувањето со вода е исклучиво надлежност на Локалната самоуправа, односно општината која ја води градоначалникот Зијадин Села“ – вели претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Петкоски смета дека струшкиот градоначалник треба да се грижи за здравјето на своите сограѓани, а не за градење плоштади во околните села и неговото родно Ливада, за неговите прошетки по САД или за дочекот на најлудата ноќ.
„50 000 евра за дочек на Нова година и за новогодишно украсување на градот, 5 000 евра за новогодишни календари и 3 000 евра за нотеси, пенкала и часовници- издвои општинската каса. Нашите советници не го поддржуваат ова лудило како и издвојувањето на 10 600 евра кои треба да се поделат пмеѓу советниците за дочек на новогодишната ноќ. Тие пари, можеа да се искористат за набавка на хлор и безбедна вода за нашите граѓани“– кажува Петкоски.
Согласно Законот за безбедност на храна и Правилникот за безбедност на вода, МЈП „Проаква“ треба да ги преземе сите потребни мерки за редовно снабдување со резидуален хлор и перманентно хлорирање на водата од водоводната мрежа, категорични од струшкиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ.