Skip to main content

Во недела во Струга ќе биде промовирана книгата „Светило на врв планина“

Станува збор за книга за деца, првото илустрирано житие Света Спаса Вишенска, адаптирано за најмладите.
 |  инфодеск  | 

Во Струга ќе биде промовирана илустрирана книга за деца  Светило на врв планина – првото илустрирано житие Света Спаса Вишенска, адаптирано за најмладите. Авторка на текстот е Јасмина Кантарџиева Димков, а илустрациите се  дело на уметницата Викторија Попоска. Изданието содржи седум тематски поглавја, секое придружено со визуелни изрази  кои ја оживуваат приказната за младите читатели.

Според уредникот на изданието, протереј отец Александар Димоски, идејата за создавање на ова дело произлегла токму од желбата житието на Света Спаса Вишенска да биде претставено на начин што ќе биде достапен, разбирлив и привлечен за децата.

Проектот е реализиран преку Министерството за кутура и туризам. Одлучивме сите средства, сите хонорари, да одат во печатењето на книгата. Беше предвиден тираж од 200, ние испечативме 600 примероци од книгата. Па така, одлучивме, во Струга, на промоцијата, сите деца да добијат бесплатен примерок, а ќе ги оставиме во храмот во Струга и во Вишни, бидејќи планираме уште една промоција во Скопје, вели отец Александар Димоски, уредник на изданието.

 Не е првпат во Православната традиција да се илустрира житие на светител и на таков начин да се доближи до најмладите членови на Црквата, но првпат е да се илустрира и адаптира за деца, житие на светител канонизиран од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

-Ова е прв пат на ваков начин да се претстави житие на светител, во случај на светителка канонизирана од МПЦ, затоа и сето ова е толку радосно. Ова е првенче и на културната сцена и за МПЦ. Неслучаен е датумот и местото, во струшкиот регион и Свети Спасе и Спаса имаат посебно место. Минатата година Синодот прифати датумот за прославување на овие светители да биде во неделата после Спасовден. Денот секогаш ќе биде недела, датумот ќе се менува, зависно од Велигден. Ние за прв пат ќе ги прославиме оваа година, додава отец Александар.

Промоцијата ќе биде во недела, со почеток во 17 часот, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.  Проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Авторката Јасмина Кантарџиева Димков, писателка за деца, досега издала десет книги.

Новинар Соња Рилковска