Во Струга ќе се гради нова болница
Во општина Струга повеќе од потребно е изградба на нова болница. Моменталниот објект не ги задоволува условите за обемот на работа кој што се врши во оваа медицинска установа, вели директорот д-р Асим Муса. Оваа потреба на менаџерскиот тим од струшката болница веќе се разгледува во Министерството за здравство.
Во Струга ќе се гради нова болница на нова локација, обелодени денес министерот за здравство Венко Филипче. Тој денеска оствари работна средба, со градоначалникот Рамиз Мерко и со менаџерскиот тим на Општа болница Струга, со цел да се запознае со проблемите кои што секојдневно ги притискаат докторите како и за потребата истите да се надминат. Министерот Филипче посочи дека на струшката болница потребна и е потенцијална реорганизација во смисла на регионализација како и потребите за нови кадри и нивна едукација. Според него тоа би се постигнало со реализација на нов проект за јавно приватно партнерство, што за прв пат за прв пат би се применил во нашиот здравствен систем.
„Најверојатно ќе има градба на нова болница која што ќе биде на нова локација. Разговаравме за потенцијалните локации заедно со градоначалникот и со членовите на неговата екипа во градов и сме се повеќе уверени дека тоа е едно од најдобрите сценарија за оваа општина“.
Министерот Филипче во струшката болница доаѓа на покана на директорот Асим Муса. Директорот изјави дека сакале на министерот да го запознаат со состојбата на установата во поглед на моменталната градба каде што се даваат здравствени услуги на пациентите, а која пак што според него е во незавидна состојба.
„Даваме услуги во неадекватни услови, скоро половина од болницата работи во монтажни објекти, односно бараки, сакаме да ги убедиме во Министерството дека во Струга навистина има потреба за изградба на нов објект, нова болница“.
Директорот Муса вели дека во болницата работат истакнати професоналци од медицинската фела кои се соочуваат со поголем обем на работа. Додава дека на хируршкото, гинеколошкото, интерното одделение доаѓале пациенти од регионав но и од соседна Албанија, па точно заради тоа смета дека треба да имаат адекватни услови за работа.