Во центарот на Струга нелегално се наплатува паркинг. Физичко лице узурпира државно земјиште, самоволно го обележал просторот и спротивно на законот наплатува 100 денари за паркирање.
Нема фискална сметка, нема регистрирана дејност, но речиси една година заработува на црно.
Во видео кое револтирани граѓани го испратија до медиумите се гледа како наплатувачот нелегално бара пари. Локацијата е спроти хотелот „Дрим“, граѓани испратија видео до медиумите.
Овде ќе платиш. Дај ми фискална ќе платам. На црно ќе платиш. Какви фискални не ми требаат – се слуша и гледа на видеото од граѓани испратено до медиумите за нелегална наплата на паркинг.
Револтирани граѓани случајот го пријавија во полиција од каде е извршен увид, на терен излегоа и инспекциските служби.
Имаме изречено мерка по закон за нерегистрирана дејност и решение за забрана за вршење дејност во траење од 30 дена – вели Шпенди Илјази раководител на пазарен инспекторат Струга.
Надлежните поднесоа пријави и казни, но лицето не се откажува од јавниот простор и натаму нелегално наплатува паркинг. И вчера попладне нелегалниот наплатувач ни побара пари за паркинг.
Го запрашавме: Овде се наплатува? Одговори Да. Колку е цената? Цел ден 100 денари. Колку? 100 денари цел ден.
И покрај забраната за вршење на нерегистрирана дејност и натаму продолжува нелегалното наплатување на паркинг.
Стружани реагираат, велат самоволието на поединци во градот трае со години, а институциите се немоќни да стават крај. Од општина Струга велат комуналните инспектори биле на терен и изрекоа преставка, од полицијата велат ќе биде поднесена соодветна пријава.
Новинар : Соња Рилковска