Во Струга нема да има организиран дочек на Нова година
Во Струга и годинава нема да има организиран дочек на Новата година. Градските власти одлучија да не трошат пари на музичка програма, а штедеа и на новогодишно украсување. Туристичките работници сметаат дека треба да има централна прослава на отворено за привлекување на што поголем број туристи.
Во Струга нема да има организиран дочек на Нова година на градскиот плоштад. Градските власти одлучија да не трошат пари на музичка програма. Парите ќе ги пренаменат за потребите на јавните претпријатија. Ваквата одлука е донесена поради пандемијата и кризната состојба во енергетскиот сектор.
Туристичките работници сметаат дека градот како туристички центар треба да организира новогодишна забава за привлекување на што поголем број туристи.
Сигурно дека локалната власт мора да организира. Не би рекол дека оваа година поради ситуацијата, разбираме за оваа година, но наредните години би требало да се форсира повеќе да се организира нешто добро за да разберат сите дека Струга е туристички град и да се наполни со гости – вели Ерхан Папранику хотелиер од Струга.
Градот на мостовите во минатото само неколку пати организирал дочек на новогодишната ноќ со забава на отворено. Туристичките работници велат дека се волни и да учествуваат со заедничка организација.
Ако ме прашувате мене јас сум подготвен да помогнам, но секако тие треба да ја земат иницијативата како власт – вели Папранику.
Локалната власт годинава штедеше и на новогодишното украсување. Поставена е новогодишна елка и осветлена е реката Црн Дрим. Во голем дел од хотелите во струшко поради слабиот интерес од страна на туристите нема да има дочек на Новата година. Причина се протоколите за заштита од корона вирусот, но и слабите резервации кои се движат од 20 до 30% од хотелските капацитети.
Новинар : Соња Рилковска