Skip to main content

Религиозните конфликти во светот: Причини и можни решенија

Во Струга започна Првата светска конференција за верски дијалог и соработка

„Религиозните конфликти во светот: Причини и можни решенија“  е темата на Првата светска конференција за верски дијалог и соработка, која во организација на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје и под покровителство на Министерството за култура, започна денеска во Струга.
 |  инфодеск  | 

На отворањето на Првата светска конференција за верски дијалог и соработка, во Струга, присутните ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која потенцираше дека темата на оваа конференција „Религиозните конфликти во светот: Причини и можни решенија“   е секогаш исклучителна, важна и, за жал, постојано актуелна.

„Затоа сме тука – заедно да ги детектираме причините, да разговараме, да трагаме и да препорачаме можни решенија и да дадеме поддршка на ваквите мисии. Да најдеме начин како најдобро да учествуваме во овие процеси за да градиме свет во кој религиите веќе нема да бидат причина или да бидат злоупотребени за да се оправдаат конфликтите“, истакна министерката.  Додаде  дека е особено значајно што на оваа исклучително важна, чувствителна и предизвикувачка тема се разговара токму тука, во Македонија, која во светот веќе се препознава како успешно, вредно и функционално мултикултурно општество.

На Првата светска конференција за верски дијалог и соработка  во Струга учествуваат околу 60 еминентни научни истражувачи и професори од областа на религијата  од 22 држави.

Конференција Струга

На Конференцијата, која се одржува под покровителство на Министерството за култура, во следните денови ќе бидат презентирани најновите резултати од истражувањата во областа на меѓукултурниот и верскиот дијалог и соработка во светот. По завршувањето на Конференцијата, презентираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание „Религиски дијалог и соработка“  издадено од Филозофскиот факултет во Скопје.