Во струшко секое лето иста мака, вода нема
Нема крај на проблемите со водоснабдувањето во струшко. Речиси секојдневно има поплаки од револтирани граѓани, кои или со часови немаат вода или притисокот е многу слаб, па не ги задоволува потребите.
Пред два дена поголемиот дел од градот и околината повторно беше без вода. На овие летни високи температури едноставно е невозможно да се преживее без вода, велат стружани.
Имаме проблем, особено сега кога доаѓаат печалбарите, месеците јули и август има многу проблеми со водата и тие што доаѓаат на одмор, имаат проблем.
Особено во лето, од јули до септември имаме проблеми со недостиг на вода.
Во село Шум водата не се пие, тоа ни е најголем проблем.
Јас живеам во село, има и со струја проблеми, има прекини, а не кажуваат, не не информираат навремено. Корошишта, Делогожда, Ливада сите тие села го имаме истиот проблем.
Од ЈП „Водовод“ Струга велат се случуваат прекини во водоснабдувањето поради интервенции врз дефекти или поради нови инвестиции за подобрување на водоводот.
Некогаш има пречки негде бидејќи знаете дека инфраструктурата на системот е стара и интеревенираме каде што има дефекти, ама тоа значи дека ние работиме за да ги средиме работите. Никогаш не исклучуваме вода без да објавиме – вели Дашмир Насуфи, директор на ЈП „Водовод“ Струга.
Најголемиот проблем според струшкото претпријатие „Водовод“ е злоупотребата на водата која се случува во летниот период, за што најавија контроли и казни.
Би апелирал до граѓаните да не се злоупотребува водата бидејќи за тие што не се одговорни ќе има екипи кои ќе вршат контроли заедно со полициски екипи за да заедно дејствуваме да немаме злоупотреба за чесните луѓе да имаат вода цело лето – додава Насуфи.
Од „Водовод“ Струга велат дека оваа туристичка сезона стружани и туристите нема да имаат проблеми со водоснабдувањето.
Новинар : Соња Рилковска