Skip to main content

Водата од градскиот водовод во Струга е забранета за секаква употреба

Мострите на вода од мерните места низ градот покажале обоеност и висока матност и таа е здравствено неисправна.
 |  инфодеск  | 
Струга Црн Дрим

Водата од градскиот водовод во Струга е забранета за секаква употреба. Од Центарот за јавно здравје Охрид, нагласуваат граѓаните да не пијат вода од градскиот водовод ниту да ја користат за готвење и одржување лична хигиена.

Проблемот се појавил во неделата попладне кога од чешмите почнало да тече заматена вода.Од Центарот за јавно здравје излегле на терен и биле земени мостри. Анализите покажале висока обоеност и заматеност на примероците со параметри и до 20 пати над дозволените 1,5%. Според Д-р Лидија Симоноска, специјалист по хигиена и здравствена екологија во Центарот за јавно здравје Охрид, која лично направила мониторинг на состојбата, водата во изворот Шум, од каде се снабдува водоводот на градот, била каллива. Мострите на вода од мерните места низ градот покажале обоеност и висока матност и таа е здравствено неисправна. Д-р Симоноска посочува дека ситуацијата ќе се следи со повторно земање примероци и анализи, но смета дека истата е сериозна и дека општината одредено време ќе остане без вода.

Од Јавното претпријатие за водовод и канализација Струга во два наврати ги известија граѓаните преку објава на социјалните мрежи дека водата во градот и околината не е чиста и дека до наредното известување не треба да се користи за пиење или други потреби, но без објаснување за причините за заматеноста.